Родителите на децата кои починаа од труење со храна во една училишна менза во Индија, денеска во знак на револт поради смртта на нивните најмили го нападнаа домот на директорката на училиштето и изразија незадоволство од реакцијата на властите во врска со трагедијата.
Тие, исто така, гневно протестираа и пред месната заедница во селото Гандаман во индиската сојузна држава Бихар, каде што се случи трагедијата.
Индиската полиција се сомнева дека ова најлошо масовно труење со храна во последните години е предизвикано од тоа што маслото за готвење било ставено во сад каде претходно бил чуван пестицид, изјави денеска судијата кој е задолжен за истрагата на овој случај.
– Моментно не можеме да кажеме дали тоа е намерно направено или станува збор за чисто невнимание, истакна окружниот судија од областа Саран, каде се наоѓа селото Гандаман, додавајќи дека полицијата е во потрага по директорката на училиштето.
Здравствените власти треба денеска да ги објават резултатите од аутопсијата на поголемиот број од вкупно 23-та ученици кои починаа во вторникот неколку минути по изедениот ручек во училиштето.