Израел распореди противракетни системи „Ајрон дом“ во близина на одмаралиштето Еилат на Црвеното Море, кое се наоѓа на границата со Египет, соопшти денеска претставничка на израелската армија.
– Батерии со ракетите „Ајрон дом“ утринава се распоредени во Еилат, рече таа. – Батериите се наоѓаат на неколку локации во земјата и се разместуваат во согласност со безбедносната ситуација, додаде портпаролката.
Израелските медиуми, меѓутоа, јавија дека тоа е направено заради немирите во соседниот Египет, каде војската презема мерки за протерување на екстремистите од Синајскиот Полуостров, кој се наоѓа во близина на Еилат.
Сајтот „Инет“ јави дека разместувањето на ракетите е направено во екот на туристичката сезона на југот на Израел.
Во минатото Еилат беше цел на неколку напади. Во април овој град беше погоден од ракета лансирана од Синај, а остатоци од ракетата што беше истрелана на 4 јули беа најдени дури четири дена подоцна.
Египетските државни медиуми вчера јавија дека во изминатите два дена на Синајскиот Полуостров се убиени 10 џихадисти, во екот на воената офанзива што има за цел да се сузбие растот на насилството по смената на египетскиот претседател Мохамед Морси од страна на армијата на 3 јули.