„Ниту еден мандат не ми бил лесен“, вака старо-новиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски гледа на неговото владеење со општината. Тој посочи дека нема да се конфронтира со никого од советниците и советничките групи. За изјавата на премиерот Зоран Заев кој кажа дека се зачудил од одлуката на карпошани одново да го изберат Јакимовски, градоначалникот вели: „Нема да ја коментирам изјавата на премиерот. Искрено ме изненади. Ме навредува мене, но повеќе ги навредува граѓаните на Карпош. Мислам дека е несоодветна изјавата“.
„Мене ниту еден мандат не ми бил лесен. Најлесен мандат ми бил од 2000 до 2003 година. Тогаш локалната самоуправа не беше вака дигната на високо политичко ниво. Од 2009 до 2013 година бев жестока опозиција и единствена опозиција на општина во Градот Скопје. Иако морам да ви кажам дека под притисок јас знам да работам. Тоа со спортски жаргон се вели: ‘Дали знае да работи под притисок?’. Тогаш ги постигнав најголемите успеси. 2013 година на изборите бев против двете партии. Од 2013 до 2017 година имаше жестоки напади и организирани. Сега очекувам и ги повикувам сите советници и советнички групи, веќе имав и разговори, да се договараме за сѐ што е добро за граѓаните. Немам намера да се конфронтирам со никого затоа што работиме за доброто на граѓаните“, кажа Јакимовски.
Според него, во Карпош нема проекти и сега се нарачуваат и обезбедуваат пари за нив.
„Одржувањето на хигиената не е дел од комуналното работење на општината. Ако ви се излева фекална канализација дома, тоа е проблем над проблемите. Тие проблеми мораат континуирано да ги решаваме. Морам да кажам дека во моментов немаме ниту еден проект изработен за работа во Карпош. Мора да нарачуваме проекти, мора да обезбедиме средства во Буџет, работиме на програмите за наредната година. Јавно искочивме со презентација пред советниците за урбанистичките планови. Не јас да сум ги нарачал. Тие се од мојот претходник, а советниците треба да видат до каде е дојдено, кој е концептот на планирањето, на сите прашања да одговорат од страна на планерите и тие да добијат насоки како понатаму“, рече Јакимовски.