Младите кошаркари и кошаркарки на КК „Младост“-Битола на третиот меѓународен кошаркарски турнир „Барселона Баскетбал Куп 2013“ кој што се одржа во спортскиот комплекс „Мар Бела“ во Барселона, освоија два медали.
На турнирот учествуваа 50-тина екипи од Швајцарија, Франција, Шведска, Данска, Израел, Русија, Турција, Македонија и Шпанија кои беа поделени во 5 категории, а битолскиот клуб учествуваше во три од нив, истакна претседателот на КК „Младост“-Битола, Горан Стојановски.
– Најголем успех постигна женската екипа-девојчиња родени 1999/2000 која го освои второто место во конкуренција на осум екипи. Екипата пристигна во финалето со четири убедливи победи, но беше елиминирана од шпанска екипа „Келс колеџ“ од Сантандер. Екипата „микс-момчиња и девојчиња“ родени 2001/2002 го освои третото место на овој турнир зад француските екипи „Тулуз“ и „Кастелно“, а екипата-момчиња родени 1999/2000 го освои осмото место во својата категорија, посочи Стојановски.
Турнирот беше организиран од Кошаркарската федерација на Каталонија и „Барселона Куп“, а на најдобрите им беа доделени медали и пехари, информираа од КК„Младост“ по враќањето од Шпанија.