Димитров за проблемот со Бугарија: Не можете да создадете антиевропски критериум и тоа да ви биде услов за влез во ЕУ

Од:

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на дискусијата за политиката на проширување на ЕУ со Западниот Балкан што се одржа во Мадрид, ги образложи македонските позиции во однос на проблемот со Бугарија.

– Блокирањето на евроинтегративниот пат дефинитивно не е помагање и е спротивно на членот 2 од нашиот договор, додека пак од страна на Северна Македонија не постои такво прекршување. Ние како политичари се договоривме да обезбедиме предуслови за успех на Комисијата за историски и образовни прашања, тие имаа повеќе средби и беше предложена и странска експертиза и помош за нивната работа. Со овој договор започнавме еден важен процес што некако беше исфрлен од колосек од причини кои сѐ уште се неразбирливи, рекол Димитров, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.

Во нацрт-преговарачката рамка што сè уште е на маса, посочи тој, има еден технички параграф што е ист за сите земји кандидатки кои отпочнуваат преговори и предвидува превод на правото на Унијата на сопствениот јазик, во нашиот случај македонскиот јазик, за да се овозможи соодветно функционирање на Унијата во согласност со нејзините правила и принципи откако земјата ќе стане членка.

– Оттука, ова прашање се третира како прашање на самоопределување, како што е уредено со меѓународното право бидејќи нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право, истакна Димитров.

Вицепремиерот Димитров се осврна и на обидите за надминување на овој проблем, претставени и низ напорите на триото претседателства со Советот на ЕУ.

– Бугарската страна покрена пет прашања од билатерален карактер, како услов за зелено светло од Софија, но на средбите во Брдо, пак, Бугарија не можеше да го потврди овој свој став. Не може да се прави вештачка разлика помеѓу оваа билатерална патека и преговарачката рамка, мислам дека ако одиме согласно португалскиот предлог односно предлогот застапуван од триото претседателства, почнувајќи од Германија преку Португалија до Словенија како актуелен претседавач, може да се најде разумно решение, вели Димитров.

Тој нагласи дека бугарската блокада е инвестиција во антагонизам наместо во пријателство, како што потврдува и истражувањето од бугарскиот тинк-тенк објавено деновиве, кое, како што подвлекол, покажува дека говорот на омраза по социјалните мрежи, за којшто обвинува официјална Софија, всушност e потхранет токму од нивното вето.

– Кога покрај петте прашања го поставувате и прашањето за дискриминација, а ние навистина немаме таков случај, го покренувате прашањето за пописот – а ние ги немаме резултатите од тој попис, тогаш изгледа вие креирате мета во движење! Ако не го почитувате туѓото достоинство, навистина е тешко да сме пријатели. Ако предусловот за придвижување кон Европа не е во согласност со европските вредности и ако сме условени со македонскиот јазик, тогаш, сум го кажал ова и кај нас, за мене е подобро да не постигнеме напредок кон ЕУ, бидејќи тогаш тоа не е зачленување во заедница на вредности, дециден е вицепремиерот Димитров.

Меѓу другото тој истакна дека не може да се создаде антиевропски услов и да се претставувате како критериум за една земја да се приклучи во ЕУ и секако не откако ја искачивме големата планина – проблемот со името. Димитров посочи дека решението со Грција беше можно, ние ја додадовме придавката Северна, само затоа што Грција ги прифати нашето право на самоопределување и македонскиот јазик како македонски.

На прашање од амбасадор на Бугарија дека Софија пред повеќе од два месеца го достави т.н. предлог пакет 5+1, а досега немало одговор од Република Северна Македонија, и зошто на помалку од еден месец до следниот Совет на ЕУ на 14 декември очекува Бугарија да ја смени својата позиција, Димитров одговори дека „како искусен во билатерални прашања и како поранешен дипломат, се труди да избегне, да го преземам целиот овој настан … затоа што тоа не е баш прашање, туку повеќе елаборација на позиции итн…“

– Јас преговарав за нашиот билатерален договор, го потпишаа премиерите, тоа го направивме во нашиот трет месец како Влада. Договорот за пријателство е за работа, за проширување на денешната соработката, за да изградиме подобра иднина и да ја оставиме историјата на Комисијата од историчари, кои ќе расправаат за тоа. Тие се сретнаа повеќе од десет пати во последните неколку години. Ние исто така – во суштина имавме за цел да им помогнеме и да го зголемиме успехот во нивната работа – им предложивме на нашите соседи од Бугарија да увеземе експертиза од УНЕСКО, од Германија исто така, дури и Чешката Република понуди експертиза, земји со искуство во вакви прашања, одговори Димитров.

Членот 2 од Договорот за пријателство, посочи Димитров, вели дека Бугарија ќе ги помогне напорите на Северна Македонија на нашиот пат кон Европската Унија.

– Блокирањето дефинитивно не е помагање. Навистина е тешко да се укаже на член од Договорот за пријателство со кој не сме во согласност. Започнавме важен процес кој некако беше исфрлен од колосек. Јас лично сè уште се мачам точно да разберам зошто се случи ова. Во нацрт-преговарачката рамка која сè уште е на маса – има еден технички параграф кој е секогаш ист за сите земји-кандидатки кои влегуваат во процесот на пристапување. Во параграфот се вели, земјата – во случајот со Србија тоа е Србија, во случајот со Северна Македонија е Северна Македонија, ќе го преведе acqui-то (европското законодавство) на српски јазик, на хрватски јазик, на македонскиот јазик во нашиот случај, и ќе има доволно толкувачи пред да се приклучи, за да се овозможи правилно функционирање на Унијата, откако земјата ќе стане членка. Бугарија има проблем со овој параграф и мислам дека тоа е навистина штетно за нашето пријателство. Не е пристојно и нема правна основа за која било земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право, образложи вицепремиерот.

Додаде дека имаме билатерална клаузула што ја користиме во билатералните односи, таа е сосема иста за бугарскиот јазик, како што е за македонскиот јазик.

– Бугарската страна покрена 5 прашања на нашата билатерална патека, велејќи дека ако успееме да најдеме разбирање за тие прашања, Софија ќе може да ни даде зелено светло за почеток на пристапните преговори. На средбите во Брдо, пак, Бугарија не можеше да го потврди овој став. И не можеме вештачки да направиме разлика помеѓу билатералната патека и преговарачката рамка. Ако одиме во согласност со португалскиот предлог, предлогот на ротирачките претседателства, почнувајќи од Германија, Португалија и сега Словенија, за јазичното прашање и за врската во преговарачката рамка со 5-те прашања, со билатералната патека, мислам ќе можеме да најдеме разбирливо решение. И ќе завршам со ова – постои една студија на бугарски тинк-тенк за која штотуку прочитав, која вели дека таканаречениот говор на омраза, на социјалните мрежи – приватни граѓани на нивните профили на Фејсбук и Твитер – значително се зголеми по политиката за вето, подвлече Димитров.

Констатира дека ваквото излегување од колосек е инвестиција во антагонизам, наместо во пријателство. Ако не можете да го почитувате достоинството на вашиот сосед, порача тој, навистина е тешко да станеме блиски и да станеме пријатели.

– За тврдењето за дискриминација на македонски државјани со бугарско етничко потекло, немаме ниту еден предмет донесен во Комисијата за анти-дискриминација по оваа основа, немаме предмет во Европскиот суд за човекови права, за разлика од некои други случаи, но нема да одам во таа насока, а навистина немаме случај ниту пред нашите судови. И жал ми е што ова го велам, но кога покрај 5-те прашања го поставувате и прашањето за дискриминација, а ние навистина немаме таков случај, го покренувате прашањето за пописот, ние ги немаме резултатите од тој попис, изгледа како да креирате мета во движење. И мислам дека е важно да знаеме што точно треба да решиме. Колку повеќе зборуваме за ова јавно, толку помалку се преговара. Колку повеќе преговараме, толку повеќе ќе бидеме внимателни кога зборуваме за ова јавно. Сум го кажал ова во мојата земја во неколку наврати и ќе го повторам овде: ако предусловите за да се придвижиме кон Европа не се во согласност со европските вредности и ако сме предусловени со македонскиот јазик, тогаш лично мене ми е во ред да немаме напредок кон Европската унија. Затоа што таа Унија не е заедница на вредности. Не можете да создадете антиевропски услов и да го претставувате како критериум за една земја да се движи кон Европската Унија. Не откако ја решивме големата планина – проблемот со името. А можевме да ја додадеме придавката Северна само затоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување, и затоа што јазикот е македонскиот јазик, истакна вицепремиерот Никола Димитров.

Би можело да ве интересира

Преземените обврски мора да се почитуваат порачува францускиот амбасадор

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно

Катерина Ѓуровски

Почна средбата на Мешовитата историска комисија, прва со новиот состав на македонскиот тим

Прва средба на новиот тим македонски историчари во заедничката комисија со тимот од Бугарија

Мицкоски: Државата е блокирана од нерационален и билатерален спор

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Јотова советите да ги упати до буарските власти да дозволат Македонците да се организираат во невладини