Мирослав Митровски, синот на поранешниот градоначалник на Ѓорче во три мандати Сокол Митровски, е дел од мрежата вработени во ЕВН Електрани Македонија кои земјиште прикажано како дар, неколку дена по дарувањето го купиле за 1,5 милион евра, дознава „А1он“. Митровски и Игор Гиевски како управители ги потпишале договорите за купопродажба на земјоделското земјиште во Делчево што го купила компанијата ЕВН. Преговорите за купопродажбата ги почнале уште пред тројцата продавачи на земјиштето, физички лица блиски на ВМРО – ДПМНЕ, да станат негови сопственици.
Трите физички лица, кои се дел од мрежата за продажба на земјиштето од 150.000 квадратни метри се Влатко Илиевски, за кого вчера СДСМ објави дека му е телохранител на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, неговата сопруга Марија и Дарко Тодоровски, поранешен член на Советот на Општина Делчево. Извори за „А1он“ велат дека тројцата го откупиле земјиштето од триесетмина физички лица, им го платиле во кеш, а во договорите прикажале дека го добиле како подарок, оти само подарокот немаат обврска да го огласат во „Службен весник“. Земјиштето го купувале во период од први до 14 септември годинава, спроти изборите, а преговорите за препродажба на земјиштето со ЕВН ги почнале на трети септември, во време кога уште ја немале сопственоста.
ЕВН на 21 септември го купило земјиштето, а неколку дена подоцна парите легнале на сметките на брачниот пар Илиевски и кај советникот Тодоровски. Земјиштето со реална пазарна вредност од 10 до 30 денари за квадратен метар, ЕВН им го платила по десет евра за квадрат.
Сомневањата се дека со препродажбата трите физички лица и тројцата вработени во ЕВН, кои биле роднински и пријателски поврзани, испумпале пари од компанијата за потребите на ВМРО – ДПМНЕ за локалните избори, но на утврдувањето на патот на парите сè уште се работи.
Минатата недела Управата за финансиска полиција направи претреси кај сите осомничени лица, а пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Јован Јаулески на социјалните мрежи објави дека тоа го разбира како притисок на власта пред гласањето доверба на Владата на Зоран Заев. На случајот работи и Основното јавно обвинителство Скопје од каде што за „А1он“ велат дека издале наредби за обезбедување докази.
„Се постапува за да се направат неопходните проверки по претходно добиени сознанија за извршени сомнителни трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица. Наредените вештачења се во тек“, велат од Обвинителството.
Детали за дејствијата велат дека не се во можност да соопштат во оваа фаза од постапката.