Најмалку 13 лица беа повредени денеска во јужната германска провинција Баварија, кога воз се судри со автомобил на премин, делумно излета од шините и се преврте.
Тројца од повредените се во тешка состојба.
Полицијата соопшти дека инцидентот се случил рано утрото во реонот на гратчето Келмјунц. Предниот дел на возот, во кој имало околу 50 патници, излетал од шините по ударот во автомобилот, се влечел околу сто метри и се превртел на едната страна.
Возачот на автомобилот и двајцата мажи од возот се здобиле со тешки повреди. Останатите десетмина се со полесни повреди.
Засега не е јасно зошто автомобилот бил на преминот во моментот на несреќата.