Гудачкиот квартет – Пламенка Трајковска и Сандра Крстевска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело денеска ќе одржат концерт во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар.
Концертот е со наслов „Блесок“ и на програмата се класични и македонски традиционални композиции во кросовер. Концертот е со модерни елементи, музичка подлога и ритам, кореографија и видео проекција.
Пламенка Трајковска – мали камерни состави годинава реализираа уште два концерти во Струмица и Крива Паланка, а самата Трајковска го реализираше и проектот Ехо – спој на звуци од природата во кањонот Матка, електронска музика и соло виолина.
Главната идеја на Пламенка Трајковска – мали камерни состави е доближување на класичната музика до најшироката публика и последните години доближување на класичната музика до децата. Изминатиот период тие реализираа многу концерти за деца како концертите Што е тоа гудачки квартет, Музика и цртан филм, Музика и танц. Пламенка Трајковска го објави единственото ЦД со класична музика за деца Карневал на животните од Камиј Сен Санс во аранжман за виолина и пијано.
Досега малите камерни состави реализирале бројни концерти кај нас на најважните манифестации Скопско лето, Бит фест, Петровденски ракувања, Велешко културно лето и многу други манифестации.
Концертот „Блесок“ се реализира со помош на Министерството за култура.