Западните сили подготвуваат санкции против лидерите на босанските Срби кои поради своите потези би можеле да предизвикаат распад на БиХ и да започнат нов конфликт на Балканот, пишува денеска британскиот весник Тајмс, пренесува Бета.
„Според дипломатски извори, САД и Велика Британија подготвуваат мерки за казнување на националистичкиот лидер на босанските Срби Милорад Додик, а Германија има слични барања во Европската унија“, пишува весникот.
Иако Дејтонскиот мировен договор обезбеди мир, Тајмс пишува дека Западот стравува оти „новите сепаратистички активности можат да и нанесат голем удар на западната дипломатија, особено со оглед на неславниот крај на мисијата во Авганистан“.
„Американската Влада и Европа стравуваат дека распадот на БиХ ќе и зададе уште еден удар на дипломатијата на овие земји, особено по распаѓањето на авганистанската влада, која беше поддржана од западните земји. Од сè што се случува во БиХ, Русија и Кина, кои се шират на просторот, би можеле да имаат најголема корист“, пишува Тајмс.
Последните денови меѓу дипломатските кругови се интензивираше приказната за воведувањето санкции против Милорад Додик, како и за други функционери во РС и компании кои се поврзани со нив, потсетува Бета.