Заврши снимањето на краткометражниот филм „Влакна“

Од:

Со сцени кои се направени во битолската чаршија, заврши снимањето на краткометражниот филм „Влакна“, работен според сценарио и во режија на Елеонора Венинова, а во продукција на Партес социал адвертајзинг.

Филмот, кој е дел од долгометражно остварување, се снимаше изминатава недела на повеќе локации во Скопје, на Скопска Црна Гора и во Битола, а се очекува да биде промовиран во рамки на овогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Токму на овој фестивал, на неговото 32. издание беше развивано сценариото на „Влакна“.

Сценариото има ангажиран контекст и е централен дел од неколку активности кои за цел ја имаат промоцијата на активизмот во креативните индустрии. Продуцентот Небојша Илијевски рече дека она што следи на овој план, е работилница за ангажиран филм, која ќе се одржи, исто така во рамки на претстојното издание на „Браќа Манаки“.

– За време на снимањето, седум млади луѓе, кои се нашата идна филмска сила добија сериозна обука од своите поискусни колеги. Концептот на продукцијата на овој филм е покрај одличен филмски производ, да понудиме и можност на надежните идни филмски дејци да го надоградат својот талент со директното искуство во продукција на филмот. Тоа го сметаме за незаменлив дел од сопствената надоградба на секој режисер, сценограф, костимограф и било кој филмски рaботник, вели тој.

Режисерката и сценаристка Елеонора Венинова рече дека снимањето се одвиваше по планот и секој ден екипата го завршуваше она што го имаше зацртано.

– Една од причините е што се создаде одлична атмосфера во тимот и членовите на екипата се зближија и функционираа како вистински тим. Младите луѓе кои беа дел од тимот одлично се вклопија во работата, постојано се интересираа за работниот процес и за тоа како подобро да ги завршат нивните задачи, а поискусните членови секогаш беа на располагање за помош, објаснува Венинова.

Таа посочи дека наредниве два месеца екипата ќе биде фокусирана на завршување на пост-продукцискиот процес, а потоа планираат негова промоција на фестивали во странство, но и да најдат начини да го гледаат што повеќе луѓе во Македонија.

Трифун Ситниковски е млад филмаџија, студент по режија, кој  веќе има искуство пред и зад камерите. Неговото учество во „Влакна“ е како втор асистент на режија и скриптер. Тој објаснува дека би сакал и самиот да направи слично дело кое освен што ќе ја истакне креативноста, ќе им даде и можност на младите ентузијасти да учествуваат во професионален филмски процес.

– Освен тоа што се запознав и соработував со фантастични и многу талентирани луѓе, секој ден имаше нешто што можев да го научам од нив. Од секој сектор, од секоја област на снимањето на филмот, добив практично знаење што знам дека ќе ми користи во иднина и многу ќе ми помогне во донесувањето на важни режисерски решенија, вели Ситниковски.

Главните улоги ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова. Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ. Асистент на режија е Ивана Стевановска.

Филмот е поддржан од Филмскиот Фонд на Република Македонија, како и од приватни компании и невладиниот сектор. 

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ