Организација на работодавачи: Не е време за поголеми минимални плати

Од:

Периодов е неактуелен и некомпатибилен да се зборува и да се лицитира со минималната плата во услови на пандемија и при намалена продуктивност на компаниите, а одредбите од новиот закон за работни односи треба да бидат прецизни со компромис меѓу договорните страни работодавач и работник и не треба да брзаме со усогласувањето со директивите на ЕУ, констатираа од Организацијата на работодавачите на Македонија по денешната деловна средба во Прилеп со компаниите во прилепскиот регион.

Според Владанка Трајкоска, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, ги слушнале размислувањата на компаниите и е направена анкета меѓу работодавачите за минималната плата, која се смета дека ќе го натера образованиот кадар да замине од земјава.

-Периодов е неактуелен и некомпатибилен да се зборува и да се лицитира со минималната плата во услови на пандемија и во услови на намалена продуктивност на компаниите. Неумесно е да се зборува за измени на минималната плата, уште повеќе што во законскиот рок, Организацијата на работодавачи, заедно со синдикатите и Владата на Економско-социјалниот совет ја направи потребната измена на минималната плата. Организацијата направи мини анкета меѓу своите членки во која го побара нивното мислење во однос на минималната плата. Овде се зборува за минимална плата, а не за покачување на платата. Сите работодавачи сметаат дека минималната плата може да се движи во моменталните граници. Со самото тоа што би се направиле корекции во минималната плата, би предизвикале токму одлив на кадарот, оној едуциран и висококвалитетен кадар, бидејќи ќе се доведе до еден тип на „урамниловка“, кој е неактуелен, секако, и од таа причина сметаме дека минималната плата не е причина за зголемување на платата, изјави Трајкоска.

Енергетската криза ќе се одрази негативно во стопанството, а надежта е во владините мерки. Компаниите очекуваат и одредено растоварување во поглед на акцизите.

-Сите ги гледаме актуелностите со енергетската криза и дека Владата ги прави сите напори да не дојде до таа криза. Сметам дека енергетската криза секако ќе се одрази врз работењето на компаниите, доколку настане, но да се надеваме дека сите мерки ќе бидат преземени за стопанството да функционира во рамките на своите можности. Ангажирањето на работниците зависи од продуктивноста, работењето и пазарите кои им се отворени на компаниите. Доколку имаме пазари и доколку сме економски стабилни, сметам дека нема да има дополнителни отпуштања на работниците. Чувствуваме дека на товар на работодавачите се сите оптоварувања, како даночни и економски. Затоа побаравме Владата и институциите кои работат во тој дел, да застанат зад стопанството, да преземат одреден товар врз себе, а дел од тоа е и акцизата, рече Трајкоска.

Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи и член на работната група за новиот закон за работни односи смета дека одредбите во новиот закон треба да бидат прецизни и да има компромис на релација работодавач – работник и не треба да се брза со усогласувањето со одредбите од ЕУ зашто имаме поинакви услови за стопанисување.

-Бидејќи една од причините за донесувањето на Законот за работни односи е усогласувањето со европските директиви, работодавачите нагласија дека не треба да се брза со прецизно усогласување со европските директиви, зашто ние се наоѓаме на многу поинаков степен на развој. Далеку е времето кога ќе бидеме членка на ЕУ. Ние гледаме дека и во Европа има многу различен степен на развој во државите и тие се свесни за тоа. И кога говорат за европски закон за минималната плата, свесни се дека не може таа да биде иста и во Бугарија и во Романија, со онаа во Швајцарија и во Англија. И европските политичари велат, тогаш да направиме еден просек од процентот на просечната плата. И ние се наоѓаме на еден многу низок степен на развој, со просечната плата сме блиску со Бугарија, со Србија, со Босна и Херцеговина, а другите се над нас. Платата зависи од продуктивноста која се остварува. Ние не можеме да креираме закони врз база на желби, туку врз база на можностите на кои сме сега. Ние сите се согласивме, и работодавачи и Синдикат дека ни треба добар, прецизен Закон за работни односи кој ќе биде лесно разбирлив и на тој начин ќе се заштитат и работниците од судски постапки и давање пари на адвокати. Ако имаме чувство на компромис, ќе дојдеме до решенија кои ќе го подобрат Законот, рече Димитров.

Според Димитров, работодавачите се жалаат на нееднаков третман при отказниот рок на работниците и голем проблем биле „лажните боледувања“ во време на корона криза.

-Работодавачот мора да почитува отказен рок за работникот, а работникот може, без најава, кога сака да си замине и да не го почитува отказниот рок. Работните односи се договорни односи помеѓу две страни и зошто работникот да не ги почитува своите обврски. Затоа инсистираме, во законот за работни односи, прецизно да се напише дека работникот ќе плати надомест за штета, ако не го почитува отказниот рок. Работодавачот ако не го почитува рокот, ќе си плати казна, зашто не постои судија кој нема да пресуди во корист на работникот. Работодавачите ги нервираат и „лажните боледувања“ во време на корона кризата. Сум рекол и повторувам, имаше многу лажни боледувања, па дури и во здравствениот сектор. Во компаниите ниту еден работодавач не може да покрене постапка дали тоа боледување кое го издал матичниот лекар е вистинито. Затоа, треба да ги заштитиме работодавачите и на еден начин ги штитиме и добрите работници, изјави Димитров.

Би можело да ве интересира

ОРМ нуди две нови услуги за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонските компании

Ана Ололовска

ОРМ: Неопходно е дополнување на листата на дејности кои имаат право да работат в недела, а минималната плата да се зголемува постепено

Ана Ололовска

Ангел Димитров: Недела неработен ден, добар компромис меѓу синдикатите, Владата и работодавачите

Ана Ололовска

ОРМ бара построги критериуми за добивање државна помош

Ана Ололовска

ОРМ очекува успешни избори и брзо формирање стабилни институции за ефикасно справување со економските последици од Ковид-19 кризата

Ана Ололовска

Организацијата на работодавачи: Штетите врз бизнисот ќе бидат уште поголеми доколку ситуацијата со Ковид-19 наскоро не се подобри

Ана Ололовска