„Разбуди го родителот во себе: како родителството да стане уживање“ е насловот на книгата од професорката Соња Китановска-Кимовска чија онлајн промоција ќе се одржи денеска. Книгата е во издание на „Арс Либрис“ и дел од „Арс Ламина – публикации“, а покрај авторката ќе говорат и проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ и проф. д-р Сашо Кочанковски.
Онлајн-разговорот ќе го води уредничка во „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова, а промоцијата ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на оваа издавачка куќа.
Дипломираниот психолог и педагог, Владимир Михајловски вели дека книгата има футуролошки димензии не само од научен аспект, како практичен труд, туку и од комерцијален аспект, наменета за најширокиот пазар – родители, детски градинки, основни училишта, библиотеки..
Според психологот Зорица Ангеловска, станува збор за силно емотивно, практично потврдено, применливо, разбирливо и интелектуално достапно четиво не само како прирачник за секојдневна практика во меѓусебната комуникација родител – дете, туку и за широк аудиториум од воспитувачи, наставници, специјализирани и стручни и нестручни лица во темата.
– Со надеж дека во ова време на социјална дистанца и меѓусебно отуѓување четивото ќе го пронајде патот до срцата на најшироката јавност, најтопло го препорачувам како неопходно потребно и особено полезно, како во процесот на учењето на родителството, така и во секојдневната општа комуникација, додава Ангеловска.
Универзитетскиот професор Силвана Нешковска за книгата објаснува дека авторката се обраќа непосредно на јасен и неверојатно читлив јазик, не од позиција на надмен научен авторитет, туку од позиција на „паталец“, кој со уверлива искреност ги пренесува сопствените размислувања и искуства.
Олга Мурџева-Шкариќ, доктор на психолошки науки, смета дека книгата изобилува со применливи техники и активности што им овозможуваат на родителите непосредна позитивна интеракција и комуникација со децата и нивно мотивирање за позитивни промени.
Инаку, книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на нивната веб-страница.