Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, истовремено и портпарол на ДУИ, за емисијата „Реална приказна“ (Real Story) на Њуз 24 го презентираше ставот на ДУИ за последните предизвици по завршувањето на локалните избори во Северна Македонија.
Османи говореше за одржаните локални избори, при што потсети дека ДУИ на своето конто, како што рече, има 10 општини и зголемување од 20 отсто на гласачкото тело, споредено со претходните избори.
– Забележавме зголемување на поддршката. Да имаше парламентарни избори ќе имавме 18 пратеници. ДУИ повторно беше потврдена како најважна и најголема партија меѓу Албанците. Од друга страна, имаше нестабилни коалиции, ВМРО-Алијанса, привремени, моментни, кои имаа за цел да ја победа ДУИ, но граѓаните јасно се определија за ДУИ, рече Османи.
Во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев дека се фрлаат странски пари во кампањата, Османи рече дека не може да појасни што сакал да покаже Заев, но повтори дека граѓаните ја потврдиле ДУИ како голема сила.
– Верувам дека барометарот за тежина се мери во првиот круг, додека во вториот круг има пазарења меѓу партиите, рече тој.
Според него, ДУИ повторно ја потврди својата прва позиција.
– Во Тетово го добивме првиот круг за совет на општината и таму имаме еден мандат повеќе од што имавме, додека во вториот круг се прават коалиции, но сепак ДУИ излезе со 10 освоени општини, чекаме уште една општина и верувам ќе имаме 11 победи. ДУИ уште еднаш беше потврдена како најважна и најголема партија, посочи тој.
Османи истакна дека на државата не и требаат предвремени избори, бидејќи земјата ќе влезе во политичка криза, ветувајќи дека ДУИ и тој како прв министер Албанец за надворешни работи, ќе продолжат да го одржуваат евроатланскиот курс, кој е од витално значење не само за земјата, туку и за регионот.