Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека новите санкции на САД, воведени против воената програма на Техеран за беспилотни летала, се во спротивност со тврдењето на Вашингтон дека бара враќање на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, објавија државните медиуми.
– Воведувањето нови санкции целосно го одразува контрадикторното однесување на Белата куќа, која зборува за нејзината намера да се врати на нуклеарниот договор, а истовремено продолжува да воведува санкции, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Саид Хатибзаде.
Американското Министерство за финансии вчера соопшти дека САД вовеле нов круг санкции за Иран, поврзани со програмата за беспилотни летала на Исламската револуционерна гарда, за која тврди дека ја загрозува регионалната стабилност. Иран тврди дека програмата за воени беспилотни летала се користи за одбранбени цели.