Крајот на годинашнато издание на фестивалот на музички уметници „Златна лира“ свечено ќе биде одбележан во Музејот на македонската борба, со концерт на виолинистот Владимир Костов и пијанистката Марија Вршкова.
На програмата се дела од Ј. С. Бах и А. Комитас, а вториот дел на вечерта ќе помине во знакот на македонското музичко творештво каде публиката ќе има можност во интерпретација на Костов и Вршкова да слушне дела од Благоја Ивановски, Сони Петровски и Никола Коџабашија.
Традиционално оваа вечер, Сојузот на музичките уметници на Македонија ќе ги додела и наградите „Златна лира“: награда за значајни достигнувања во изминатата година и наградата за животно дело. Наградата за најзначајни достигнувања на полето на музичката уметност во 2020 година ја добива саксофонистот Нинослав Димов, а наградата за животно дело ќе и биде доделена на пијанистката и професор Евушка Трпкова Елезовиќ.
Нинослав Димов дипломира во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност. Покрај многубројните рецитали, тој бележи и повеќе солистички настапи со Македонската Филхармонија, Косовската Филхармонија, “Lietzeorchester” – Берлин, Германија. Во моментов Нинослав Димов е редовен професор по саксофон на ФМУ- Скопје, член на Биг Бенд оркестарот при МРТ, ЗЏМ Биг Бенд, и саксофонист по потреба на Македонската Филхармонија.
Евушка Трпкова – Елезовиќ е припадничка на првата генерација пијанисти дипломирани на Факултетот за музичка уметност во Скопје . Таа во својата кариера настапила на значајни фестивал и концертни подиуми како фестивалите: „Охридско лето“, „Интерфест“ во Битола, „Денови на македонска музика“, „Дани музике“ во Будва, „Трибина музичког стваралаштва“ во Белград, солистички рецитали во салата „Лисински“ во Загрев, во Салонот 19,19, Музејот на град Скопје Даут Пашин Амам во Скопје, во салата „Балдини“ во Рим и други.
Концертите во рамки на фестивалот „Златна лира“ се одвиваат според важечките ковид протоколи за организирање настани во затворен простор што подразбира органичен број посетители, покажување на неопходните сертификати за влез и задолжително носење маска.