Британскиот премиер Дејвид Камерон за службени патувања по светот, само во првите три месеци од оваа година потрошил 267 илјади фунти, користејќи луксузни чартер летови, како и службениот авион на британската кралица Елизабета.
Најголемиот дел од овој износ, нешто преку 200 илјади фунти, се потрошени „за смо три дена“ за патувањето на Камерон низ Африка со придружба од 12 луѓе на „билатерални средби“ со африканските лидери.
Други 55 илјади фунти се потрошени за изнајмување на авион за патувањето во Индија, што беше означено како „трговска бизнис мисија“ во која покрај премиерот, на државен трошок патуваа уште 32 други лица.
Во три случаи, за патувањата на Форумот во швајцарскиот зимски центар Давос, во Летонија и на самит на ЕУ во Брисел, Камерон го користел службениот авион на кралицата, правејќи дополнителни буџетски трошоци.
Овој авион е постојано на располагање на кралицата и кралското семејство, како и на „многу значајни луѓе“.
Лондонски „Дејли Мирор“ кој важи за близок до опозициските лабуристи, му забележува на премиерот Камерон што порано се фалеше дека ги штеди парите на даночните обврзници при службените патувања, откако на една средба во Вашингтон со американскиот претседател Барак Обама, патуваше со комерцијален лет од Лондон.
Весникот го потсетува Камерон дека тогаш рекол оти земјата има „голем буџетски дефицит, па затоа не може да се трошат големи пари за патување со приватни авиони“.
Претставник на Даунинг стрит 10 објасни дека трошоците за патувањата на премиерот се помали од оние кои би можеле да се направат ако би патувал со изнајмени големи авиони.
Еколошката организација „Гринпис“ го осуди Камерон за користењето на приватните млазни авиони, затоа што тие повеке загадуваат, како и за „лажните ветувања“ околу штедење.
Директорот на „Гринпис“, Џон Совин побара од премиерот за Брисел и Париз да ги користи возовите на „Евростар“, за кои вели дека се „поевтини и не загадуваат“.