Заврши процесот на обезбедување заштитно – конзерваторските услови од страна на националната установа „Завод и музеј“ – Битола и Управата за заштита на културно наследство од Скопје за отпочнување на процесот на санација, конзервација и реставрација на старото училиште во селото Љубојно.
По обезбедувањето на условите, кои ги пропишуваат дозволените и неопходни активности за интервенции врз објектот, Општина Ресен денеска информира дека ќе се пристапи кон изготвување на неопходниот конзерваторски проект.
-Зимскиот период ќе биде искористен за изготвување на проектната документација, што ќе ни овозможи во текот на следната година да се пристапи кон практични активности на непосредна санација, конзервација и реставрација на овој исклучително значаен објект, не само за Преспа, туку и за целата држава, истакна градоначалникот Живко Гошаревски.
Процесот, според него, бил долготраен и барал разрешување и надминување на претходно затекнати состојби, но, како што нагласи, со упорност и залагање, се поблиску се до реализација на финалниот проект.
– Иако овој процес беше долготраен и бараше разрешување и надминување на неколку претходно затекнати состојби, сепак со упорност и залагање, денес сме чекор поблиску до остварување на сонот, особено на жителите на селото Љубојно, но и нашиот сон за обновување на објектот на старото училиште „Димитар Влахов“, кое е прво во Преспа, а второ во државата, каде почнала да се одвива наставата на македонски јазик, по завршувањето на Втората светска војна. Ова училиште, всушност е симбол на македонскиот јазик, литература и култура, но и симбол на важноста на Преспа не само во македонски, туку и европски рамки, посочи Гошаревски.