Египетската полиција минатата ноќ употреби солзавец во центарот на Каиро за разбивање на учесниците во судирите меѓу поддржувачи на сменетиот исламистички претседател на Египет, Мохамед Морси и локални жители.
Ова е прв случај на насилство во последната недела во кој учествуваат приврзаници на Морси.
Поддржувачите на Морси ја блокирале една од главните улици во Каиро, „Рамзес“, како и мостот „Шести октомври“ над реката Нил. Тоа ги разгневило возачите и минувачите и по кусо време дошло до судири, што ја принудило полицијата да употреби солзавец за разбивање на спротивставените страни.
На 8 јули, 53 приврзаници на Морси беа убиени откако египетски војници отворија оган врз учесниците на насилните протести пред седиштето на Републиканската гарда во Каиро.
При, судирите загинаа и четворица војници.
Армијата обвини дека демонстрантите го нападнале штабот на Републиканската гарада по што нејзините припадници отвориле оган во самодобрана, но приврзаниците на Морси тврдат дека војниците пукале врз нив без причина.