Француската полиција денеска уапси 29 активисти на организацијата за заштита на животната средина Гринпис, кои ја „окупираа“ нуклеарната централа во јужниот дел на Франција.
Меѓу уапсените, чие приведување траеше неколку часа, има Французи, Италијанци, Романци, Шпанци, Руси, Португалци, Швајцарци, Германци и Белгијанци.
Француската Влада соопшти дека ја разгледува можноста за построги казни за такви дела, кои во моментот можат да се процесуираат само како илегални упади.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд истакна дека има доверба во властите надлежни за нуклеарната безбедност.
– Ги добивме сите гаранции дека нуклеарната безбедност апсолутно се почитува, посочи Оланд.
Активистите на Гринпис денеска пред зори ја „окупираа“ француската нуклеарна централа во Трикастен. Тие пуштија видео-снимка на која пишува „Трикастен: Нуклеарен инцидент“ и прикажаа фотографија од огромна пукнатина преку фасадара на една од зградите во централата. Активистите носеа и транспарент со ликот на Оланд на кој пишуваше „Франсоа Оланд: претседател на катастрофа?“
Сите активисти на Гринпис се уапсени и задржани во полициска станица. Франција е една од нуклеарно најзависните држави во светот, која од реактори задоволува 80 проценти од потребите од електрична енергија.
Во текот на 2008 година во нуклеарната централа во Трикастен забележани се неколку инциденти, меѓу кои и истекување на ураниум во двете реки во близина и ослободување на радиоактивни честички од една цевка.