Шефот на албанската држава Бујар Нишани пред престојната смена на власта во Албанија, побара од институциите да дејствуваат независно и да не потклекнуваат пред „политичката транзиција“.
На средбата со првите луѓе на Централна банка на Албанија, на Републичкиот судски совет, на Врховниот суд, Државното јавно обвинителство, инспекциските служби и Високиот совет за правда, Нишани го нагласи значењето на инситуциите и потребата за нивна професионалност и независност.
– Во време кога се очекува промена на власта по парламентарните избори, неоходно е ваше максимално професионално работење без никакво политичко влијание. Би било штето и контрапродуктивно доколку се плашите од некаков реваншизам. Тоа не треба да се случи, не само за достоинството на професијата и државата која вие и инситуциите ја претставувате, туку пред се на вашата голема улога како гарант на законот и економијата, која инситуциите ја имаат во служба на граѓаните и албанската демократија, изјави Нишани.
Тој апелираше овие инситуции да продолжат со реформите, независно што на власт доаѓа нова политичка структура.
Во меѓувреме премиерот во заминување Сали Бериша и идниот премиер Еди Рама имаат големи несогласувања околу одлуките што го носи актуелниот владин Кабинет, кои според претседателот на идната влада се незаконски и на штета на државата.