Основниот суд Скопје 2 ја прифати тужбата поднесена од премиерот Никола Груевски и му одреди казна на лидерот на НСДП Тито Петковски од 10 000 евра.
„Тужбеното барање делумно се усвојува и се утврдува одговорност со намера да се наштети на честа и угледот на Никола Груевски. Тужениот Петковски ќе мора да исплати 650 000 денари“, гласи одлуката на судот.
Адвокатот на премирот, Никола Додевски изјави дека е задоволен од пресудата на судот и дека е делумно прифатено тужбеното барање кое изнесуваше 15 илјади евра.
Во судот не беше присутен лидерот на НСДП, Тито Петковски зошто ја очекувал ваквата одлука на македонското правосудство.
Неговиот адвокат, Оливер Ристовски изјави дека засега нема да ја коментира одлуката на судот, се додека не ја добијат во писмена форма.
– Ја очекуваме писмената судска одлука да видиме врз која основа е донесена олуката да се плати 650.000 денари. По разгледувањето, нашата страна ќе поднесе жалба – изјави Ристовски.
На новинарско прашање зошто на минатото рочиште адвокатот го напуштил судењето, Ристовски одговори дека судот го поминал неговото работно време.
Воедно, како што напомена Ристовски, судот не ги прифатил предложените сведоци Бранко Црвенковски, како претседател на Македонија во 2008 година, Лазе Еленовски како тогашен министер за одбрана и Антонио Милошовски, кој е потписник на писмото до генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.
Вчера дури беше најавена и точната сума од 10 илјади евра, која денеска беше изречена.
Инаку тужбата Груевски ја покрена поради изјавата на Петковски во „Фокус“ каде кажа дека премиерот со писмо до генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил дека името Република Македонија (Скопје) е прифатливо за земјава.
– Никогаш такво писмо не сум испратил и затоа поднесов тужба за клевета за да се докаже дека тоа не е така. Ќе потенцирам дека во пресудата на Хашкиот трибунал во точката 136 јасно стои дека постоел предлог од медијаторот Метју Нимиц за решение на проблемот наметнат од Грција поврзан со нашето уставно име кој дошол непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт и за кој ние сме изразиле волја да го дадеме на референдум за сите граѓани да можат да одлучат дали тој е прифатлив.
– Стануваше збор за предлогот Република Македонија во заграда Скопје, изјави Груевски по завршувањето на рочиштето во Основниот суд Скопје 2.
Писмото кое до генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во кое е тој известен дека Македонија е подготвена да го прифати предлогот на Нимиц, сепак го потпишал тогашниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски, а не премиерот.