Судскиот спор во кој премиерот Груевски го тужеше лидерот на НСДП, Тито Петковски, ќе заврши во полза на тужителот, објави Либертас.
Судијата Нухи Рустеми, според неофицијални извори, веќе ја напишал пресудата во која Тито Петковски е виновен за повреда на честа и угледот на Никола Груевски.
Барањето на премиерот за претрпената душевна болка да му биде исплатено 15 илјади евра, пишува Либертас, судијата сепак го намалил и Петковски ќе треба да му исплати околу 10 илјади евра.
Тужбата Груевски ја покрена поради изјавата на Петковски во „Фокус“ каде кажа дека премиерот со писмо до генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил дека името Република Македонија (Скопје) е прифатливо за земјава.
– Никогаш такво писмо не сум испратил и затоа поднесов тужба за клевета за да се докаже дека тоа не е така. Ќе потенцирам дека во пресудата на Хашкиот трибунал во точката 136 јасно стои дека постоел предлог од медијаторот Метју Нимиц за решение на проблемот наметнат од Грција поврзан со нашето уставно име кој дошол непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт и за кој ние сме изразиле волја да го дадеме на референдум за сите граѓани да можат да одлучат дали тој е прифатлив.
– Стануваше збор за предлогот Република Македонија во заграда Скопје, изјави Груевски по завршувањето на рочиштето во Основниот суд Скопје 2.
Писмото кое до генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во кое е тој известен дека Македонија е спремна да го прифати предлогот на Нимиц, сепак го потпишал тогашниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски, а не премиерот.
Судот ја најави пресудата за 15 јули.