Изградба на нови простории за дијализа и целосна реконструкција на постојните, обезбедување современа апаратура согласно сите стандарди и набавка на нови, наместо досегашните нефункционални столови, се само некои од обврските на концесионерите кои идната недела и официјално ќе ги добијат лиценците за работа во овој сегмент од здравството.
Како што соопшти денеска ресорниот министер Никола Тодоров, проектот стартува успешно, а е повеќе од неопходен зашто треба да овозможи надминување на сегашната, катастрофална состојба во центрите за дијализа.
– Долго време, повеќе од десетина години, здравстевните власти добиваа сериозни критики бидејќи условите за дијализа во Македонија беа исклучително лоши. Многу од апаратите се стари, со над 25.000 часови, некои и со 30.000 до 40.000, голем е и процентот на пациентите со хепатит Ц, преку 80 отсто, посебно во Штип, Велес и Кочани, што дополнително ја усложнува состојбата, рече Тодоров на прес-конференција.
Министерот по влезот на концесионерите очекува многу поквалитетна услуга за регистрираните 1.400 пациенти кои одат и до три пати неделно на дијализа во вкупно 19-те центри низ државата.
На конкурсот објавен во мај годинава со кој беа опфатени 4 региони, од вкупно петте апликанти, најдобри понуди доставија Орка Холдинг АД Скопје и Метрополитен ДООЕЛ Скопје. По потпишувањето на договорите, согласно пропишаните критериуми, тие, меѓу другото, се должни да обезбедат и транспорт за болните во секој реон со најмалку една станица во секоја општина што досега не беше случај, како и да понудат соодветни услови за вработување кадар од јавните здравствени установи со личен доход еднаков на последната плата.
Орка Холдинг доби лиценци за вториот реон (Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево, додека Метрополитен ДООЕЛ Скопје за третиот (Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци, Струга и Охрид).