„Сакаме за посочиме дека ЈП Водовод и канализација – Скопје одржува водоводна мрежа во должина од 1300 км. Дефекти се случувале во минатото, се случуваат денес, но ќе се случуваат и во инднина, имајќи ја предвид природата на работата на претпријатието, без оглед на тоа кој бил, е или ќе биде градоначалник на Град Скопје“, реагира ЈП Водовод и канализација на пресот на Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО ДПМНЕ.
„Имено, ЈП Водовод и канализација – Скопје во изминатите 4 години изврши реконструкција и обнова на водоводната мрежа во должина од 66.3км, за што се вложени 445 милиони денари, на територија на град Скопје.
ЈП Водовод и канализација – Скопје е најтранспарентното јавно претрпијатие, кое го започна најголемиот еколошки – капитален проект за изградба на пречистителната станица за отпадни води – Скопје во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбеди од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со потпишување на договорите во декември 2019 година, со овие меѓународни финансиски институции.
Пречистителна станица Скопје е една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животна средина во земјава, која трајно ќе го реши третманот на отпадните води во градот Скопје и ќе има големо влијание врз заштитата на животната средина, исполнувајќи 90 отсто од Зелената агенда на ЕУ.
Истовремено во овој период од 4 години, ЈП Водовод и канализација – Скопје успешно спроведе и два проекти за намалување на загубите на вода од системот. Едниот од нив во 2018 година во соработка со израелската компанијата „Јутилис“ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на скриени дефекти, невидливи за голо око. Беа откриени, а подоцна и санирани од страна на службите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, над 300 дефекти невидливи за голо око. Вториот во текот на 2020/2021 кој се спроведе во соработка со Водовод – Будимпешта и чија реализација беше комплетно финансиски покриена со средства од добиениот грант од WBGC – Western Balkan Green Center. Овој проект се спроведе на територија на Трнодол и Жданец, каде се создаде затворен – кружен систем за детектирање на загубите на вода, со специјализирана опрема и мерачи. Сите скриени дефекти, детектирани во овој период, се успешно санирани.
ЈП Водовод и канализација – Скопје, освен инвестициите во делот на водоводната мрежа во овој период, во согласност потребите и плановите за работа инвестираше и во опрема, механизација, дигитализација и во унапредување на процесите за контрола на квалитетот на водата, а денес во рамки на Секторот за санитарна контрола функционираат акредитирани лаборатории, со најсовремена опрема во нашата држава но и во регионот. Последното достигнување во овој дел е новата молекуларна лабораторија која работи со примена на ПЦР техника“, се вели во реакција на ЈП Водовод и канализација на пресот на Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО ДПМНЕ.