Делегации на САД и Русија денеска во Женева одржаа состанок што е нов обид да се постигне напредок во застојот на преговорите за нуклеарно разоружување.
Преговорите за разоружување меѓу двете нуклеарни сили беа обновени кон крајот на јули, откако рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден се согласија за нова рунда состаноци на самитот одржан во Женева кон средината на јуни.
Разговорите најверојатно ќе се фокусираат на единствениот преостанат главен договор за контрола на вооружувањето меѓу САД и Русија, Новиот СТАРТ, кој ги ограничува нуклеарните арсенали на двете земји до 800 системи за испорака и по 1.550 оперативни нуклеарни боеви глави.
Договорот, кој беше во сила од 2011 година, беше продолжен на почетокот на годинава до 2026 година. САД еднострано се повлекоа од неколку договори за нуклеарно разоружување во последните години, обвинувајќи ја Русија дека не ги почитува правилата.