Поранешниот француски претседател, Никола Саркози, е осуден на една година затвор за нелегално финансирање на кампањата во неговиот неуспешен обид за реизбор во 2012 година. Со тоа Саркози стана првиот шеф на француска држава во модерно време, кој добил две затворски казни.
Судијата објави дека Саркози може да ја отслужи казната со носење електронска нараквица во домашни услови. Сите 13 обвинети се прогласени за виновни.
Никола Саркози го знаеше ограничувањето на трошоците. Знаеше дека не треба да го надминува – изјави судијата.
Ова е втор кривичен случај поврзан со Саркози. Во март тој беше осуден на три години затворска казна, од кои две беа суспендирани, за корупција и трговија со влијание. Саркози (66) се жалеше на пресудата.
Криминалната истрага првпат почна во март 2014 година за она што беше наречено „случај Бигмалион“, и откри дека неговата кампања потрошила повеќе од 54 милиони американски долари користејќи лажни фактури, што е над границата од 24 милиони долари утврдена со француските изборни закони.