Европската комисија го заострува својот став кон владата на Белорусија, која ја обвинува дека намерно се обидува да создаде бегалска криза на границата со Европската унија, јави ДПА.
Комисијата денеска предложи да се суспендираат делови од договорот за олеснување на визниот режим со Белорусија, кој стапи во сила во јули 2020 година.
Доколку мерката биде одобрена од земјите-членки на ЕУ, белоруските службеници на сите нивоа ќе се соочат со повеќе документи и повисоки трошоци за виза, но сепак, обичните граѓани нема да бидат засегнати.
Во расправата за измените, Комисијата ги наведе обидите на белоруската влада „да ја дестабилизира ЕУ и нејзините земј -членки преку промовирање на нерегуларна миграција од политички причини“.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја предупреди ЕУ кон крајот на мај дека Минск повеќе нема да ги спречува мигрантите да патуваат во ЕУ како одмазда за заострувањето на санкциите од Унијата против поранешната советска република, потсетува ДПА.