Комисијата за надворешни работи на Американскиот Сенат вчера одржа сослушување на тројца предложени кандидати за клучни позиции во односите меѓу САД и Европа, при што беше изразена поддршка за проширувањето на НАТО кон Балканот.
Пред сенатската Комисија сведочеа Викторија Нуланд, како номиниран заменик државен секретар за Европа, генералот Даглас Лут кој е номиниран за нов амбасадор во НАТО и Даниел Баер, како кандидат за местото амбасадор во ОБСЕ.
– Јас лично ќе бидам посветен на проширувањето на НАТО. Долгогодишна политика на НАТО и на САД е вратата за членство да се држи отворена, не само за балканските земји, туку и за Грузија, изјави генералот Лут на прашањето на сенаторот Кристофер Марфи кој претседаваше со сослушувањето на тројцата номинирани функционери. Лут, кој е поранешен командант на силите на НАТО на Косово, е изборот на претседателот Обама да го наследи Иво Даалдер на амбасадорската позиција во Брисел.
Викторија Нуланд, која треба да дојде на испразнетото место на заменикот државен секретар Фил Гордон, во своето обраќање се осврна на потребата од решавање на замрзнатите проблеми на Балканот, но притоа не го наведе македонско-грчкиот спор. Нуланд го поздрави постигнатиот договор меѓу Косово и Србија и навести дека вниманието на САД ќе се сврти кон обидите да се издејствува договор за статусот на Кипар.
– Мораме да се фокусираме на незавршената рбота во Европа. Денес имаме реална шанса да го искористиме менувањето на ставовите за 40-годишната поделба на Кипар. И не смееме да ги изневериме другите членови на нашето европско и евроазиско семејство кои премногу долго се заробени во замрзнати конфликти и територијални спорови, изјави Нуланд, која во подоцнежното испрашување од страна на сенаторите, оцени дека од скоро постои подготвеност во Кипар, Грција и Турција да се надмине овој спор, со цел да се искористат новооткриените резерви на гас во економската поморска зона на Кипар, а за кои САД инсистираат дека може да се искористат само доколку постои договор меѓу кипарските Грци и Турци.
При посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на САД и неговата средба со претседателот Барак Обама, најавени за 8 август, предвидено е да се разговара токму за статусот на Кипар.
Освен за Кипар, американските сенатори се интересираа и за територијалните спорови и политичкиот реваншизам во Грузија, односите со Русија и рускиот однос кон невладините организации, и побараа од кандидатката Нуланд да објасни која ќе биде нејзината политика по овие прашања.
Сенаторот Џон Барасо побара од Нуланд да се заложи за предлогот американските сојузници во Европа да добијат можност да увезуваат втечнет природен гас од новооткриените американски наоѓалишта, со цел да се намали европската зависност од увозот на руски гас.
Како најзначајно прашање од областа на американските односи со Европа се наметна договорот за слободна трговија, за кој се водат преговори кои се попречени од внатрешните несогласувања на европска страна, особено од ставовите на Франција. Нуланд, Лут и Баер сега се соочуваат со гласање во Комисијата, по што за нив треба да се изјасни и целиот Сенат.
Сепак, далеку најголем дел од сослушувањето одзема сослушувањето на Нуланд за нејзините постапки за време на минатогодишниот напад врз американскиот конзулат во Бенгази, прашање кое се заканува да ја попречи нејзината номинација. Сенаторите од опозициската Републиканска партија, Џон Мекејн, Марко Рубио, Ренд Пол и други, рафално и поставуваа десетици прашања на Нуланд за обвинувањата дека предложила криење на информации од Конгресот за вмешаноста на Ал каеда во нападот врз конзулатот во кој беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс.
Сенаторите бараа од Нуланд, која за време на нападот беше портпарол на Стејт департментот, да открие кои од нејзините претпоставени побарале да се манипулира со текот на информациите до јавноста. Нуланд се обиде да ја заштити својата тогашна претпоставена, Хилари Клинтон, која е најсериозен кандидат на Демократската партија за претседателските избори во 2016 година.
Од другата страна, сенаторите Рубио и Пол, кои го предводеа сослушувањето на Нуланд, се засега водечки кандидати кај републиканците.