Во паркот пред Културно информативниот центар – Скопје вечер ќе биде промовирана книгата „Ута од планините“ од Тефта Кељменди и илустраторката Катерина Николовска.
– „Ута од планините“ е приказна за едно храбро девојче со големи соништа да се искачи на највисоките врвови на светот. Приказната на Фљутура, која со своите волшебни очи како две ѕвездички го осветлуваше светот околу неа. Со промената на годишните времиња, таа облекуваше фустанче во боите на тоа годишно време и секогаш со насмевка ги поздравуваше бескрајните убавини на природата. Нејзиното име значеше „пеперутка“, но нејзиниот сакан дедо ја викаше Ута и таа го задржа тоа име до денес. Со него стана позната низ целиот свет, информираат од КИЦ.
Во мај 2017 година Ута Ибрахими стана првата жена од албанска националност што се искачи на Монт Еверест, на 8.848 метри. До 2020 година таа искачи пет врва над 8.000 метри и нејзината цел е да продолжи да се искачува на преостанатите 14 врва над 8.000 метри и да шири позитивна енергија на луѓето од целиот свет.
Книгата ќе ја промовираат Сребра Ѓорѓијевска и Билјана Црвенковска, а Катерина Николовска како ликовен уметник кој ќе црта за време на промоцијата.