„Малата Амал“, кукла висока 3,5 метри, што претставува деветгодишно сириско девојче-бегалец кое ја минува Европа пеш за да ја подигне јавната свест за состојбата на децата бегалци, ќе ги посети ПССЕ и Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Посетата на Амал е една од постојките на „Маршот“, епско патување од 8.000 километри што ќе ја одведе од сириската граница до Обединетото кралство во потрага по нејзината мајка, запирајќи во градовите и селата во текот на своето патување, како дел од настан опишан од организаторите како „патувачки фестивал на уметност и надеж во корист на бегалците“. Таа досега патуваше низ Турција, Грција и Италија, каде што се сретна со папата Франциск во Ватикан.
Малата Амал ќе дојде во Советот на Европа за време на пленарната сесија на ПССЕ, каде што ќе ја пречекаат претседателот на ПССЕ, Рик Даемс и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, меѓу другите високи функционери, како и парламентарци од цела Европа и студенти од градот.
Таа преку главниот влез ќе дојде до зградата на Советот на Европа, пред да разменува подароци и да биде предмет на други #Дела на добредојде, чија цел е да привлече внимание кон искуството на децата бегалци насекаде низ светот и да ја истакне работата на Советот на Европа да ги заштити правата на децата бегалци и мигранти.
Куклата „Малата Амал“ и „Маршот“ се заеднички проект на компанијата „Handspring“ од Јужна Африка и театарот „Добра шанса“, кој работи со бегалци од 2015 година.