Премиерот Груевски ги доживеал тврдењата на претседателот на НСДП, Тито Петковски многу емоционално, со чувство на загриженост и внатрешен немир. На денешното второ рочиште, каде што се соочија двајцата политичари, Груевски истакна дека никогаш не прифатил промена на името.
– Тврдењата на Тито Петковски ги доживеав емоционално многу непријатно, поради можноста неговото тврдење да биде прифатено барем од дел од средината. На повеќе соработници морав да им објаснувам дека никогаш не сум прифатил ниту предлози за промена на името – изјави премиерот пред судијата.
По излагањето на Груевски, се очекува исказот на Тито Петковски во својство на тужен. Притоа, судот ги одбил сведоците кои биле предложени од одбраната.
На првото рочиште, кое се одржа пред осум дена, не се појавија ниту Груевски, ниту Петковски. Премиерот не присуствува поради неговото роуд шоу за лов на инвестиции во Кина. Додека Петковски, според неговиот адвокат, немал обврска да се појави бидејќи се работело за подготвително рочиште.
Иако тогаш одбраната побара одложување на рочиштето до септември, сепак судот побара двете страни задолжително да се појават на соочувањето, кое се одржува денеска.
Груевски го тужи лидерот на НСДП за клевета во текст објавен пред една година во „Фокус“, во кој Петковски рекол дека премиерот, со писмо испратено до генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, го прифатил предлогот на Нимиц – Република Македонија (Скопје), непосредно пред одржувањето на НАТО самитот во Букурешт.
Груевски бара од Тито Петковски 15.000 евра за нарушување на неговите чест и углед, како и нанесена душевна болка.
Петар Клинчарски