Невладиниот сектор со своите иницијативи и предлози се повеќе наидува на отпор од страна на институциите на системот. Со последните случувања на донесувањето на Законот за абортус како и неодговарањето на барањата овогодинешното екстерно тестирање да се прогласи за пилот, се повеќе сме сведоци на игнорирањето на критичката мисла од страна на власта.
Кај НВО секторот преовладува мислењето дека за нивните предлози и иницијативи скоро и да не постои дебата, што уште повеќе говори дека истите треба да се стават во сенка и нивните мислења да не бидат чуени.
Загрижувачки е фактот дека во последно време институциите на системот стануваат се повеќе централизирани, а донесувањето на одлуките е концентрирано на највисоко ниво што не било пракса во минатото, потенцира Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА. Ова значи, додава тој дека голем дел од државните службеници и раководители со кои имале добра соработка ја губат својата моќ на партнерството со НВО секторот, кругот на соработка се стеснува, а институциите стануваат се потешко достапни.
Едмонд Адеми, претседател на Институтот „Либерта“ за А1он вели дека од досегашното искуство најголем дел од иницијативите и акциите многу тешко односно скоро никогаш не допреле до институциите од системот и немале реален ефект на прифаќање.
„Мислам дека проблемот не е во предлозите и иницијативите на НВО секторот, бидејќи секој предлог кој доаѓа од граѓанскиот сектор има за цел да подобри одредени законски регулативи“, смета тој.
Со тоа што институциите на системот во најголем број на случаи не реагираат на критиките, рекациите и предлозите на НВО секторот, истиот не успева многу транспарентно во јавноста да го промовира она што го мисли, објаснува за А1он извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска.
Односот помеѓу власта и граѓанските здруженија го карактеризират недоволната комуникација, координација како и немањето ниво на соработка. Адеми со жалење констатира дека односот на власта со НВО секторот откако постои државава константно е проблематичен, а додава дека доколку едно граѓанско здружение еднаш ја кртикува власта веднаш е ставено во таборот на опозицијата, додека пак ако поддржи некој владин предлог веднаш е ставено во таборот на власта.
Законот за абортус е еклатантен пример на неинклузивноста на граѓанскиот сектор во разгледувањето и донесувањето на политиките кои се во интерес на човековите права и демократијата, посочува Јовановски. Постои страв за воспоставување на „вистински“ дијалог, со што беа оневозможени аргументираните ставови, а Јовановски додава дека затоа што институциите од системот знаеле дека ако се дебатира за Законот со вклучување на НВО секторот и медицинските експерти законот ќе се изменел. Користењето на демократските механизми како алатки за граѓанско учество се дел од практиките на граѓанските здруженија, а за Законот за абортус Јовановски истакнува дека за кратко време се покажала сериозна активност и активизам освен од граѓанскиот сектор и од некои парламентарци.
Препораката од експертите е институциите од системот да започнат поинаков пристап каде со аргументирана дебата сите страни би дискутирале за проблемите. Наместо законските регулативи да се кријат и носат во тајност, треба да се создаваат ситуации каде релевантните НВО ќе дебатираат со институциите од системот, со што ќе се информира целата јавност и таа сама ќе може да реши.
„Не е добро ниту за власта, ниту за НВО, ниту за целото општество да се бега од дебати“, заклучува Адеми.
Темјана Поповска