Промоција на „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец

Од:

Во чест на 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија и 30-годишнината од независноста на Република Словенија денеска во Домот на културата „Илинден“ во населба Илинден ќе биде промовирана книгата „Скопски разговори“ на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти, и проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија и еден од најпознатите словенечки дипломати – припадник на првата генерација словенечки дипломати, универзитетски професор, писател и поет.

Како што истакнува авторот Свето Стаменов во најавата, книгата „Скопски разговори“ претставува своевидна збирка од 20 радио – интервјуа реализирани во рамките на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје од март 2018 до август 2020 година, односно во еден од несомнено најинтензивните периоди во македонската внатрешна и надворешна политика, исполнет со многу предизвици и искушенија како на внатрешно – политички, така и на меѓународен план. Впрочем, тоа е периодот на македонската демократска трансформација, на забрзано отворање кон светот како резултат на новата македонска надворешна политика и на интензивирање на македонските евро и евроатлантски интегративни процеси, кои во март 2020 година резултираа со полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО – сојузот. Амбасадорот Јазбец не само што беше непосреден сведок, туку и активен учесник во некои од тие историски процеси, па затоа со полно право може да се каже дека „Скопски разговори“ се и своевидно сведоштво, па дури и беседа на еден странски амбасадор (во случајот словенечки) за промените во македонската надворешна политика, за развојот на македонско – словенечките односи, за активностите на словенечката амбасада и, во тие рамки, и за самата негова работа како амбасадор на пријателска Словенија.

Дел од интервјуата се посветени и на литературното творештво на Милан Јазбец и на неговата активност како промотор на тнр. културна дипломатија и на развојот на македонско – словенечките културни врски, за што најдобро говорат престижното Почесно Рациново признание за афирмација на македонската култура и јазик во странство за 2019 година и македонските изданија на неговите дела „Мартин Крпан – дипломат и воин“, „Виножитото над душата“ и „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“. Покрај тоа, неговите скопски години беа одбележани и со голем број културни настани во кои тој беше активен учесник, но и со голем број авторски текстови и есеи. Токму затоа и вториот дел на „Скопски разговори“ е посветен на неговите скопски есеи, во кои доминираат есеите за првата македонска поетеса Даница Ручигај, за уметниците Јоже Циуха и Мице Јанкуловски и за великанот на современата македонска култура Блаже Конески.

Имајќи го предвид сето ова, несомнено е дека книгата „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец претставува драгоцен документ – хроника на еден од најзначајните периоди во тридецениското постоење на Македонија како независна и суверена држава, членка на ООН, полноправна членка на НАТО и земја – кандидат за членство во Европската Унија, но истовремено и своевидно мементо на една извонредна журналистичка соработка и на преку неа развиено искрено пријателство.

Промотори на книгата „Скопски разговори“ ќе бидат проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија и актуелен член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, Раде Силјан, поет, есеист, критичар и преведувач и Зоран Иванов, новинар и публицист, а со пригодна беседа ќе се обратат Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија и градоначалникот на Општина Илинден м-р Жика Стојановски. Промоцијата ќе биде збогатена и со пригодна културно-уметничка програма.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска