Општина Гевгелија, иако годинава направи буџетска рамка од 541.135.382 денари, според последното истражување на Граѓанската асоцијација „Мост“ утврдено е дека за периодот од стекнувањето на фискалната децентализација покажала најмал раст на буџетските приходи по глава на жител.
Во 2005 година тие изнесувале 123 евра, а во 2011 година – 216 евра буџетски приходи по глава на жител во општината, што претставува пораст од 76% за периодот 2005-2011.
Ова е најмалиот регистриран пораст на локалните буџетски приходи во однос на бројот на населението во општината. На листата на ниските буџетски остварувања пред последното место што го зафаќа Гевгелија се наоѓаат општините Македонски Брод со пораст од 81% за истиот период и Кисела Вода со остварени буџетски приходи по глава на жител за анализираниот период од 134%.
Најголеми просечен износ на буџетски приходи по глава на жител остварила општина Центар со 428 евра, а по неа следуваат Новаци со 315 и општина Карпош со 204 евра.
Иако во анализираниот седумгодишен период, поради зголемениот број изворни приходи отстапени од државата по фискалната децентрализација, буџетските приходи кај општините растеа, сепак, поголемиот дел од нив не покажувале издашност кон граѓанскиот сектор, што е еден од индикаторите за степенот на демократизација на односите во општеството.
На тој план Општина Гевгелија покажува извесен пораст од издвоените 22.725 евра за поддршка на проекти за невладини организации во 2005 година, до 61.557 евра отстапени средства за НВО-секторот во 2011 година. Индикативно е што во одос на целокупниот буџет од 392.455.608 денари за последно анализираната 2011 година, средствата одвоени за граѓанските организации на годишно ниво зафаќаат само 0,96% од вкупните годишни буџетски остварувања.
Во споредба со околните општини, Гевгелија покажува континуитет во соработката со НВО-секторот за разлика од Општина Дојран, која во 2005 година одвоила 2.894 евра, а во 2011 нула евра за граѓанските проектни активности. Општина Богданци, пак, стартувала со нула евра во 2005, за во 2011 година да одвои 10.338 евра.
За разлика од соседните локални самоуправи, Гевгелија заостанува зад општините Струмица и Штип, кои ги држат рекордите во однос на поддршката на невладиниот сектор. И тоа, од Струмица, која одвоила 192.312евра за НВО-секторот во 2011 година Гевгелија отстапува за 3,12 пати помалку, односно за 3,18 пати е зад остварувањата на општина Штип, која одвоила 196.083 евра за активностите на граѓанските асоцијации. Овој индикатор е квалитативен показател за нивото на демократските слободи на граѓаните во општината, со кои Гевгелија не баш може да се пофали.
Податоците од истражувањето на Граѓанската асоцијација МОСТ се објавени на Интернет-страницата pravodaznaes.mk
А.Д.