Египетската армија ги повика денеска приврзаниците на соборениот исламистички претседател на Египет, Мохамед Морси да ги прекинат протестите, ветувајќи им дека нема да бидат правно гонети поради учество во нив.
Воениот портпарол, полковник Ахмед Алај на прес-конференција ги опомена сите оние кои ќе се доближат до воените објекти или ја загрозат националната безбедност.
Во денешните инциденти пред седиштето на Републиканската гарда во Каиро загинаа најмалку 51 лице, додека 435 се повредени. Јорданското „Муслиманско братство“ го осуди денешниот „масакр“, во кој загинаа приврзаници на соборениот претседател Морси, повикувајќи на натамошни протести со цел „избраниот претседател да се врати на власт“.