Британскиот премиер побара Енди Мареј да биде одликуван со титулата „сер“

Од:

Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска побара одликување со витешка титула за тенисерот Енди Мареј, кој победи на вчера завршениот турнир во Вимблдон.

– Не можам да замислам кој друг во овој момент повеќе од него заслужува да биде одликуван, изјави Камерон не криејќи го своето воодушевување од победата на 26-годишниот британски тенисер од Шкотска.

Британскиот премиер, кој финалниот меч на турнирот со Новак Ѓоковик го следеше од кралската ложа на централниот терен во Вимблдон, рече дека Мареј со својата победа го подигна духот на целата држава.

– Тоа беше фантастичен ден за Мареј, за британскиот тенис и за цела Велика Британија, изјави Камерон.

Британската јавност со воодушевување и еуфорија ја поздрави првата победа на еден тенисер од Велика Британија на турнирот во Вимблдон по цели 76 години. Последниот Британец кој пред Мареј беше победник на неофицијалното светско првенство во тенис беше Фред Пери.

Финалето на турнирот и победата на домашниот тенисер преку малите екрани го следеле дури 17,5 милиони гледачи во Велика Британија.

– Историска победа од едно историско момче, пишува денешен „Тајмс“, додека „Фајненшл Тајмс“ констатира дека „конечно е урнат еден тажен и неславен рекорд“ да се чека на победа на турнирот уште од 1936 година.

Енди Мареј во јануари оваа година беше одликуван со орденот „Ред на британската империја“ за освојувањето на златниот медал на ланската Олимпијада во Лондон, заедно со група британски олимпијци кои на Игрите се закитија со златни медали.

Премиерот во Велика Британија не може да одликува никого, ниту пак да предложи. Предлог за тоа дава посебна независна комисија, а Владата го потврдува таквиот предлог. Одликувањата ги врачува британската кралица.

Енди Мареј попладнево ќе го посети Даунинг стрит 10, каде ќе биде примен од премиерот Дејвид Камерон.

Би можело да ве интересира

Алкараз: „Тоа ќе не убие“

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Ѓоковиќ го испеа познатиот хит и најави спектакл во Бугарија со Димитров

„Надал е подготвен да се пензионира“

Предраг Петровиќ

Синер во четвртфиналето на УС Опен

Медведев во осминафиналето на УС Опен

Синер: „Знам кој ми е пријател, а кој не“

Предраг Петровиќ