Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Договорот за соработка меѓу НЕР АД Скопје и ДЕСФА С.А. за реализација на проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција со предлог Одлука за гарантирање на реализацијата.
После меморандумот за соработка на ниво на министерства, овој договор е последниот чекор за стартување на работите интерконекторот за гасоводно поврзување меѓу двете земји кој треба да го спроведат двете компании кои имаат непосредна надлежност над овој проект.
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за процесот на подготовка на Програмата на економски реформи (ПЕР) 2022-2024 година со Акциски план за исполнување на заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог со Европската Унија од 12 јули 2021 година.
Програмата за економски реформи (ПЕР) содржи макроекономски проекции, план на буџетот за наредни три години, план на структурни реформи, преглед на степенот на имплементација на структурните реформи, како и преглед на преземени активности во однос на препораките од заедничките заклучоци. ПЕР е среднорочен тригодишен документ, а се ажурира секоја година и се доставува до Европската комисија која ги евалуира реализираните економски реформи.
Согласно Хоризонталниот преглед на Програмите за економски реформи 2021 – 2023 година на државите од Западен Балкан и Турција, што го прави Европската комисија, Република Северна Македонија има постигнато најголем успех во спроведување на препораките од минатогодишниот Економско – финансиски дијалог.