Шестото издание на КРИК – фестивал за критичка култура навлегува во втората пандемиска година. И токму она што го живееме низ овие две години, како никогаш претходно не го засилило аргументот за потреба од јасна, бистра критичка аргументација кон целокупните социо-културни динамики во кои се обидуваме да ги дефинираме концептите за заедницата која исчезнува и се претвора во сенка. Годинава КРИК 06, во текот на септември, но и понатаму, со својата програма ќе се обиде да рефлектира на повеќе теми кои нѐ засегаат и едновремено нѐ ставаат во јазолот на политичкиот и културниот контекст.
Соживотот и взаемната помош се откажани под режимот на рестрикции, затворања и изолација. Првото е притисок кон индивидуалното планирање за опстанок, второто е системска репресија на колективните практики. Ова е време кога перформативноста и вештините се сведени на гол живот. Политиката тргна по патот на силата и репресијата, а науката ретко се прашува во толку масивни глобални размери.Уметниците и поетите се вкочанети, додека филозофите брзо изгореа во нивните толкувања и предвидувања кои всушност имаа за цел само да ги потврдат сопствените претходни теориски текови.
Одеднадеш нашиот свет го загуби значењето брзо и на драматичен начин. Во недостиг на какви било структури и механизми за поддршка, во недостиг на вистински практики на колективна солидарност и индивидуална полнота, ние разбираме дека привидот и лагата се најпрецизните именители на нашите животи.
Соочени со големите политички и економски лаги како најголеми вистини, можеме да продолжиме само кон една долготрајна и измачувачка привременост во постоењето. Со отсуство на една напрегнатост и мобилност што би довеле до ситуација за поинаква политичка опција и живот – вознемиреноста станува главната состојка на здивот што нѐ одржува „живи“.
Анксиозноста нѐ крие од светот, ефективно станувајќи процес на уништување на концептите. Гориво на тој деструктивен процес е иднината. Иднината повеќе не е ветуваење ниту за надеж ниту за ужас. Едноставно не е. Кога не можеме да создадеме ништо за иднината, фрлени сме во поразувачката неопределеност на сегашноста која нема насока. Самото постоење е извор на повторувачка и континуирана траума.
Во ваквата состојба на постоење, дозволено е да се размислува вон умот, ирационално. Напуштете ги сите референци за светот кој го знаете и вашите идеи нека се распрснат во повеќе насоки кои не следат логичен тек кон иднината. Сега е можно, повторно, да се доживеат и да се обмислат француската и руската револуција, откривањето на Америка, пронајдокот на парната машина, електричната енергија, геномот, интернетот, сопственото раѓање и сопствената смрт.
Привременото постоење може да биде сѐ што посакува во оваа анархија на времето. Фестивалот за критичка култура 2021… или 1921 година ќе биде простор за повторно живеење на цело време и на сите настани за кои сметаме дека му припаѓаат на минатото или кои можат да се случат во иднината. „Ако иднината е изгубена, тогаш сѐ е можно“. Годинешниот фестивал КРИК е посветен на сѐ она што е можно во нашите утопии, во нашите посакувани светови.
Програма
31.08.2021, вторник, Музеј на современа уметност
20 : 00 Отворање 20 : 15 Artists Under the Big Top: Perplexed, 1968 – филмска проекција Режија: Александар Клуге Сценарио: Александар Клуге 22 : 00 Дискусија модерирана од Ѓорѓи Пулевски
01.09.2021, среда, Музеј на современа уметност
18:30 Катрин Малабу : : Жена, женско, трансфеминизам: алтернативи или дилеми?: : – хибридно предавање проследено со дискусија модерирана од Петар Милат и Славчо Димитров
02.09.2021, четврток, Музеј на современа уметност
20 : 00 Еспи Томичиќ „Your Love is King“ – промоција на книга во разговор со Петар Милат. извадоци од текстот изведува Тамара Ристоска 21:30 DJ сет на AKA TESAUR
11.09.2021, сабота, Музеј на современа уметност
20 : 00 Интимен театар, Битола „Леонис и Лена“ – театарска претстава, во режија на Софија Ристевска
21.09.2021, сабота, Музеј на современа уметност
20:00 Петар Халвард : : Заедничката кауза: Предизвикот на масовниот суверенитет : : – хибридно предавање, во разговор со дискусија модерирана од Артан Садику
22.09.2021, недела, КСП Центар-Јадро
20 : 00 Интерактивната изложба “Übungsraum für Kritik” / „Вежбална за критика“ – во соработка со Гете Институт
23.09.2021, понеделник, Музеј на современа уметност
20:00 Михаел Хајнрих : : Како да се чита “Капитал“ на Маркс? Вредноста и фетишизмот : : предавање
25.09.2021, четврток, музеј на современа уметност
20:00 : : Landscapes of resistance“ / Пејзажи на отпорот : : -премиерна проекција на филм Режија: Марта Попивода Сценарио: Марта Попивода и Ана Вујановиќ