Од Општина Аеродром информираат дека започна постапката за изведба на новата управна зграда, за што е објавена јавна набавка за изработка на основен проект и нејзина изградба.
Информираат дека на претходно објавениот јавен конкурс на кој пристигнаа 22 идејни решенија, беше избрано решението на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Марта Илиевска, Марија Треневска и Марија Грчева.
Комисијата која ги оценувала пријавените идејни решенија била составена од проф. д-р Страхиња Трпески, членовите Дејан Чадиќ и Зоран Пауноски.
„Зградата, покрај административниот дел, ќе содржи и мултифунционален центар за собири на граѓани каде што ќе можат да се организираат средби, венчавки и друг тип културни настани, интрегрирана подрачна единица и други простории што ќе бидат отворени за граѓаните. Целта е зградата да биде нова препознатлива точка отворена за сите и да претставува нов дом на сите аеродромци“, информираат од Општината.