Хронологија: Најсмртоносни денови за американските војници во Авганистан

Од:

Во вчерашните експлозии на аеродромот во Кабул, за кои одговорноста ја презема џихадистичката група Исламска држава, загинаа 90 луѓе, меѓу кои најмалку 13 американски војници.

Тоа е најсмртоносниот ден за американските војници во Авганистан од август 2011 година, кога 30 припадници на војската на САД загинаа во напад врз хеликоптер „Чинук“.

Хронолошки ова се најсмртоносните денови за американските трупи во Авганистан:

26 август 2021: Двајца бомбаши-самоубијци и вооружени напаѓачи нападнаа голема група луѓе кои се движеа кон аеродромот во Кабул, во последните денови од странската евакуација од Авганистан. Во нападот загинаа околу 80 Авганистанци и 13 американски војници.

21 декември 2015: Напаѓач удри со мотор-бомба во заедничка авганистанско-американска патрола, при што загинаа шест американски војници. Тие патролираа низ село во близина на аеродромот Баграм.

2 октомври 2015: Единаесет луѓе, меѓу кои шест американски војници, се убиени при уривање на американски транспортен авион С-130Ј.

17 декември 2013: Шестмина припадници на американската војска загинаа при пад на хеликоптер.

4 мај 2013: Седум американски војници и еден припадник на коалициските сили на НАТО се убиени при напади на талибанците во нивната пролетна офанзива.

11 март 2013: Во хеликоптерска несреќа во јужен Авганистан загинаа петмина припадници на американската војска. Двајца припадници на американската единица за специјални операции загинаа малку подоцна во инсајдерски напад на авганистански полицаец во источниот дел на Авганистан.

6 август 2011: Вооружена група собори хеликоптер со проектил, убивајќи 30 Американци и осум Авганистанци.

26 мај 2011: Девет припадници на силите на НАТО, вклучувајќи и седум американски војници, загинаа при експлозија на бомба поставена на теренот каде патролираа.

19 април 2011: Авганистански војник уби осум американски војници и еден американски цивил за време на собирот во авганистанската воздухопловна база во Кабул.

21 септември 2010: Хеликоптер се урна во ридска област во јужен Авганистан, при што загинаа девет војници. Министерството за одбрана соопшти дека меѓу нив имало четворица поморски специјалци и петмина припадници на 101-та бригада за борбена авијација од Форт Кембел во Кентаки.

27 август 2010: Рачно изработени бомби усмртија тројца американски војници во јужниот и источниот дел на Авганистан.

8 јуни 2010: Седум американски војници, двајца Австралијци и еден француски легионер се убиени. Во самоубиствениот напад животот го загуби уште еден Американец, кој ја обучувал авганистанската полиција.

27 октомври 2009: Осум американски војници загинаа во два одделни бомбашки напада во јужен Авганистан.

26 октомври 2009: Во одделни падови на хеликоптери загинаа 11 американски војници. Еден се урна во западен Авганистан, каде што животот го загубија седум војници и тројца цивили, кои работеа за американската влада. Во друга несреќа, во јужниот дел на Авганистан, два хеликоптера се судрија во воздух, при што загинаа четири лица.

3 октомври 2009: Осум американски војници загинаа кога нивниот контролен пункт во Камдеш е нападнат од околу 300 екстремисти. Друг војник го загуби животот во експлозија на бомба, која се обидувал да ја деактивира во провинцијата Вардак.

13 јули 2008: Девет американски војници загинаа на контролен пункт во Ванат, кој беше нападнат со лесно оружје и гранати. Уште еден војник загина во Кајак Софла, кога неговото возило налета на мина.

18 февруари 2007: Американски хеликоптер се урна во областа Шахџои, провинцијата Забул, при што загинаа осум војници.

5 мај 2006: Десет американски војници загинаа при пад на хеликоптер CH-47 Чинук за време на борбените операции во источен Авганистан.

28 јуни 2005: Шеснаесет војници во хеликоптер на специјалните сили загинаа откако е соборено нивното летало МХ-47 Чинук. Тројца американски маринци беа убиени истиот ден.

6 април 2005: Хеликоптер се урна за време на песочна бура додека се враќаше во американската база во Баграм. Загинаа 15 војници и тројца американски цивили.

29 јануари 2004: Осум американски војници загинаа при експлозија во складиште за оружје.

23 март 2003: Сите шест членови на екипаж загинаа при падот на американски хеликоптер, кој беше во мисија да спаси две авганистански деца.

4 март 2002: Седум американски војници загинаа кога врз нивните два хеликоптера е отворен оган.

9 јануари 2002: Авион на американската војска за полнење гориво, кој летал кон Авганистан, се урна во Пакистан, при што загинаа сите седум маринци кои се наоѓале во него.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија