Блинкен: Во Авганистан веројатно има уште околу 1.000 американски државјани

Од:

САД евакуираа најмалку 4.500 американски државјани и членови на нивните семејства од Авганистан од средината на август, изјави вчера државниот секретар Ентони Блинкен, додавајќи дека Вашингтон остварил контакт со уште околу 1.000 преостанати граѓани.

Блинкен на прес-конференција истакна дека нема краен рок во обидот да им се помогне на луѓето кои сакаат да го напуштат Авганистан, и Американци и останати граѓани, и дека тие напори ќе продолжат „онолку колку што е потребно“.

Тој нагласи дека „кога САД започнаа со евакуација, во Авганистан имало дури 6.000 американски државјани кои сакаа да заминат, а останати се уште илјада“.

– На останатите речиси 1.000 кои ги имавме, кои можеби се Американци што сакаат да го напуштат Авганистан, им се обраќаме неколку пати дневно, на повеќе канали за комуникација. Од оваа листа со околу 1.000 лица, веруваме дека бројот на Американци кои активно бараат помош да го напуштат Авганистан е помал, веројатно значително помал, истакна Блинкен, предупредувајќи неколку пати дека бројките може да се менуваат секој час.

Тој, исто така, рече дека 45 до 46 проценти од досега евакуираните над 82.000 луѓе биле жени и деца.

Западните земји побрзаа да ги евакуираат луѓето од Авганистан на помалку од една недела до заминувањето на сите странски војници, признавајќи дека многу Авганистанци кои им помогнале ќе бидат оставени во неизвесност под власта на талибанците.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија