Кинеските власти соопштија денеска дека воспоставиле „отворена и успешна комуникација и консултации со авганистанските талибанци“, по состанокот меѓу претставници на таа група и кинескиот амбасадор во Кабул.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин не даде дополнителни детали за вчерашната средба меѓу заменик шефот на канцеларијата на талибанците Абдул Салам Ханафи и амбасадорот Ванг Ју, но истакна дека Кина го смета Кабул како „важна платформа и канал за двете страни да разговараат околу важни прашања“.
– Отсекогаш сме ја почитувале суверената независност и територијалниот интегритет на Авганистан, водевме политика на немешање во внатрешните работи на Авганистан и се држевме до политиката на пријателство со целиот авганистански народ, изјави Ванг на денешната прес-конференција во Пекинг.
Тој додаде дека Кина ја почитува независната одлука на авганистанскиот народ за нивната иднина и судбина, го поддржува спроведувањето на авганистанските принципи и е подготвена, како што вели, да продолжи да развива добрососедски односи на пријателство и соработка со Авганистан и да игра конструктивна улога за мир и обнова на земјата.
Минатиот месец Кина беше домаќин на делегација предводена од високиот талибански лидер Мула Абдул Гани Барадар.
Кинеската амбасада во Кабул се уште е отворена, и не планира голема евакуација на кинеските граѓани од Авганистан.