Министерот за здравство во Кантонот Сараево, Харис Враниќ детално го претстави планот на Владата и кризниот штаб во врска со воведување рестриктивни мерки за невакцинираните.
Претходно, премиерот на Кантонот Сараево, Един Форто, најави дека на невакцинираните лица ќе им биде забранет влез во повеќето кантонални институции, но денеска министерот Враниќ изјави дека влезот во затворени објекти ќе биде дозволен со приложување потврда за вакцинација.
Враниќ нагласи дека нема да постои „емпатија за оние кои имаат отпор кон ваквите мерки“.
За време на посетата на пунктовите за вакцинација во Зетра, Враниќ и шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, разговараа за ова прашање, а европскиот амбасадор истакна дека рестриктивните мерки за невакцинираните луѓе се нормални насекаде во Европа, бидејќи тоа е чин за заштита на општеството.
– Ако сакате да посетите стадиони, кафулиња и други објекти, тоа не можете да го направите без соодветна потврда веќе некое време во ЕУ, рече Сатлер.
Враниќ нагласи дека „тоа е вообичаена практика во сите европски и уредени земји, така што Кризниот штаб кој се состана во средата даде некои заклучоци кои ги усвоивме во Владата, а во вторник ќе имаме состанок со Кризниот штаб за да ги разгледаме сите тие предложени мерки“.
Тој нагласи дека тогаш со сигурност ќе се знае дали ќе се воведат новите мерки, но не е сигурен дали Владата ќе ги донесе во овој момент, со оглед на тоа дека епидемиолошката состојба се уште не е критична.
– Епидемиолошката состојба засега е стабилна, меѓутоа, како што можете да видите, овие бројки на новозаразени луѓе се разликуваат секој ден, единствената среќа е што немаме полнење на болници. Се надевам дека жителите на Кантонот Сараево конечно ќе разберат дека е многу важно да се вакцинираат. Не дозволувајте некој да се разболе и да почине поради вас. Повикувам на вакцинација по стоти пат, сите вакцини се тестирани и признати во ЕУ. Ќе добиете и бар-кодови за движење, заклучи министерот Враниќ.