Документарниот филм „Disturbed Earth” (Вознемирена земја), чија корежисерка е Кумјана Новакова, беше еден од трите филма со кои беше отворена овогодинешната документарна програма на престижниот Сараевски филмски фестивал.
Документарецот чија проекција воедно беше и негова светска премиера, се натпреварува во две категории: во главната програма за документарни филмови и во програмата за домашни филмови, бидејќи станува збор за копродукција помеѓу Шпанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Автори на филмот се Кумјана Новакова и Гилјермо Карерас-Канди, а снимен е во периодот од 2014 до 2020.
Документарецот е поетско – есеистичка приказна за сегашноста, но и за минатото на Сребреница.
-Сребреница е тивко место во кое минатото ја заробило сегашноста. Чекор по чекор колективната болка влегува во пејсажот, во просторот, во градот. На крајот таа влегува во нас. Сребреница станува стварност на денешницата и наша сопствена стварност“ – наведуваат авторите на филмот, наведува корежисерката Новакова.
Филмот вчера беше преставен и на значајниот „Доку-корнер“, кој е официјален дискурзивен дел на натпреварувачката програма во Сараево. Тоа е единствена прилика за авторите и авторките на филмовите од регионот да се запознаат и да соработуваат со други европски автор(к)и, продуцент(к)и и агенти од областа на документаристиката, каде особено внимание се посветува на човековите права.
Локалните медиуми во БиХ, препознавајќи го филмот како општествено значајно авторско делокако што наведува продуцентот, ја проследија премиерата со бројни интервјуа со авторката, а свое интервју со двајцата автори објави и една од најзначајните професионални филмски платформи „Cienuropa“.
Третата, и последна проекција на „Disturbed Earth” на Сараевскиот филмски фестивал ќе биде на 19 август, а филмот ќе ја има својата домашна премиера во текот на наредната 2022 година.
Документарецот на Сараевскиот филмски фестивал е во конкуренција за наградите: „Срце на Сараево“, „Награда за човекови права“ и „Специјална награда“.