Тензии во центарот на Каиро се уште има, по насилствата од минатата ноќ, јавуваат западни медиуми.
На многу места има барикади, силите за безбедност се распоредени на главни раскрсници и мостови во градот.
Автомобили на полицијата носат портрети на министерот за одбрана генерал Абдел Фатах аз Сиси, иницијатор на ултиматумот по кој беше симнат од власт претседателот Мохамед Морси во средата.
Во близина на Универзитетот во Каиро приврзаници на Муслиманско братство подигнаа барикади и истакнале плакати со ликот на Морси. Исламистите за денеска најавија нови протести во кои ќе бараат армијата да го врати на функција Мохамед Морси, само еден ден откако во судирите меѓу приврзаници и противници на поранешниот претседател загинаа 26 луѓе.