Четириесет и три годишен жител на штипското село Селце се сомничи дека го има предизвикано пожарот на планината Серта меѓу селата Селце и Драгоево.
Во соопштението на СВР-Штип се вели дека вчера во 14 часот, по наредба на Јавен обвинител, во Полициската станица Штип, во врска со пожарот што на 6 август 2021 година настана помеѓу селата Драгоево и Селце, штипско, на разговор бил повикан Е.Е. од село Селце.
–По наредба на Јавен обвинител од лицето биле одземени и дадени на вештачење предмети за кои постои сомнение дека биле користени при извршување на делото. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во соопштението на СВР-Штип.
Пожарот се активираше во неделата и гореше на врвот од високиот рид, до којшто никој не можеше да пристапи. Пожарот е изгаснат вчера во текот на претпладневните часови.