Општина Куманово ќе определи локации за нови бушотини за вода кои ќе им користат на пожарникарите, најави денеска градоначалникот Максим Димитриевски по завршување на 88-та седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Штабот предложил да се формира тричлена комисија од претставници од ТППЕ Куманово, ЈП „Водовод“ и „Чистота и зеленило“, да извршат увид и да одредат потенцијални локации на територија на општина Куманово за изведба на бушотини за снабдување со вода, кои би се користеле за полнење на возила на ТППЕ за гасење на пожари и изградба на хидранти.
Штабот му препорачал и на градоначалникот да спроведе итна постапка за изведба и опремување на бушотините. Димитриевски информираше дека минатата недела во Куманово се регистрирани 60 пожари, во четвртокот имало 15 интервенции во еден ден, помош била побарана од централниот штаб, при што помош пристигнала и од Кавадарци и Велес.
Тој се заблагодари на овие општини на пожарникарите, припадниците на армијата, на доброволците, вработените од претпријатијата кои помагаа за спарување со пожарите. Сега, нагласи, во кумановско нема ниту еден пожар и општината може да им помогне на соседните, но и на другите општини во државата. Во моментов и општинска комисија за проценска на штети е на терен каде ја дефинира состојбата.
Проценката на штетите од пожарите, појасни кумановскиот градоначалник, се спроведува со поддршка на ТППЕ Куманово, кои даваат информации за пожарите, се оди на лице место, се фотодокументира.
– Откако ќе ги направиме тие проценки ќе ги упатиме сите записници до Владата каде што треба да се донесе одлука за обесштетување на граѓаните, бидејќи факт е дека имаме веќе дефинирана кризна состојба. Согласно законот Владата тоа може да го стори, а во другиот случај сите оние лица коишто се опожарени имаат можност да поднесат барање до Советот на Општина Куманово за добивање на финансиска помош при опожарување, потребно е да обезбедат потврда од територијална противпожарна единица за опожарување на нивниот дом и дополнително уредба потврда од МВР и истата да ја комплетираат документација и ја достават до Советот на општината, информира Димитриевски.
На совет на седницата ќе се донесе одлука за обесштетување на жителите кои имаат штети од пожарите. Димитриевски укажа дека имаат проблем со лица кои бараат помош, иако нивните објекти веќе со децении се напуштени, немаат статус на семејни домови.
– Имаме реален проблем и тоа при опожарување на оние напуштени куќи, каде не живеел никој, немаат статус на домови, кои не ги посетувале со години и се создава проблем при самата проценка на имотот, бидејќи најголем дел од граѓаните кога се случи пожарот, додека траеше, ниту сакаа ниту пак дојдоа и сега се појавуваат како баратели за помош. Да апелираме дека комисијата ќе се држи согласно нејзините законски овластувања, нема да прави пропусти и да обештетуваме лица кои не сакале да се грижат за нивниот дом во најкритичните моменти. Во село Мургаш имавме голем број на жители кои учествуваа во гасење на пожарот ама имавме и лица кои таму имаат напуштени објекти, поранешни домаќинства кои не се отповикаа на никаков апел ниту од сограѓаните, ниту од ТППЕ и мислам дека е некоректно сега тие лица бараат помош, изјави Димитриевски.
Од штабот апелираа до граѓаните да се воздржат од палење на стрништа и отпаден материјал во дворови и на отворен простор, со цел да се спречи настанување на пожари, а повикаа и да пријават на надлежни институции, сомнителни движења на лица и возила, можни причинители на пожари.