Преименувањето на улиците е во надлежност на Советот на Град Скопје, а не на општините во Скопје, информира денеска Град Скопје.
Согласно одлуката на Советот на Град Скопје донесена на 66-тата седница, одржана на 24 јуни годинава, Град Скопје донесе одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на главниот град. Со оваа одлука, како што се наведува во соопштението, беа сменети имињата на неколку улици, мостови и паркови на територијата на Градот Скопје.
Со оваа одлука, улицата „Васил Чакаларов“ што поминува покрај ОУ „Васил Главинов“ се преименува во улица „Роналд Реган“. Улицата „Адолф Циборовски“ што ги поврзува населбите Тафталиџе 2, Влае и Хром (гранична улица меѓу општините Карпош и Ѓорче Петров), поточно ги поврзува булеварите „Метрополит Теодосиј Гологанов“ (од Студентскиот дом „Гоце Делчев“) и „Ѓорче Петров“ (кај Порта Влае) стана „Војвода Васил Чакаларов“.
Со оваа одлука поранешната улица „Мајка Тереза“ се преименува во улица „Адолф Циборовски“, додека името „Мајка Тереза“ го носи поранешниот булевар „Водњанска“.