Еден 49-годишен маж, заразен со новиот вид на короновирус, чие жариште е во блискоисточните земји, почина на 28 јуни во лондонската болница Сент Томас, соопштија вчера британските здравствени власти.
Пациентот уште во септмеври минатата година бил префрлен во оваа болница од Катар, а лекуван е поради откажувањето на бубрезите и акутен респираторен синдром.
Досега во светот се забележани 41 смртен случај на овој вирус, додека според официјалните податоци, 77 лица се заразени. Новиот короно вирус е сличен на вирусот кој предизвикува САРС, па дури и на вирус на обична настинка. Симптомите на зараза се кашлица и тешкотии со дишењето, а кај повеќето заболени се развива и воспаление на белите дробови.
Случаи на заразени со короно вирус досега се пријавени во Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Франција, Германија, Италија, Тунис и Велика Британија.
Според Светската здравствена организација вирусот може да се пренесе од човек на човек при близок контакт.