Собранието денеска, во рамки на 47 седница, ја продолжи општата расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот. Ова е последен, петти ден според Деловникот кога пратениците дебатираат за буџетот.
И денеска пратениците ги повторија спротивставените ставови. За пратениците од СДСМ, ребалансот е развоен и ќе овозможи инвестиции, а за нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ тој е за предизборен поткуп и ќе поттикне нови непродуктивни трошења.
Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во услови на пандемија имаме најголем Буџет досега, а ниту едно евро нема за капитална инвестиција. Смета дека во наредните шест месеци граѓаните нема да добијат ниту еден километар автопат, ниту ќе се гради болница, училишта, спортски сали…
Стојаноски посочи дека во овој ребаланс на буџет се вкалкулирани поскапување на електричната енергија – 12,5 проценти со нивелација на ддв, а за една година граѓаните ќе го почувствуваат недомаќинското работење. Оваа година граѓаните ќе плаќаат поскапо гориво, ќе се воведат нови даноци, ќе има зголемување на постојните даноци, ќе се воведе зелена такса.
Марија Ангелова од СДСМ истакна дека овој ребаланс е исклучително продуктивен, ги следи економските состојби и има за цел економско закрепнување и максимална посветеност на справување со пандемијата.
-Државната помош ќе продолжи и понатаму, преку различни мерки со цел опоравување на домашната економија, рече Ангелова. Нагласи дека се очекува значително интензивирање на економијата, како резултат на домашните и странските инвестиции. Според неа, се очекува годинава бројот на вработени да се зголеми за 1 отсто.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека граѓаните не живеат подобро, општините не работат, се задолжуваат и имаат превработеност. Младите се повеќе си заминуваат во странство за подобра егзистенција, има повисоки даноци, нови такси, повисоки цени на основните производи за живот. Не се подобрува бизнис климата, има корупција со судството, а власта не треба да се оправдува со пандемијата. Според нив, во ребалансот има се, освен напредок.
Според пратениците од албанската опозиција буџетот треба да се прави врз основа на реалноста, а не врз основа на желбите или волјата.
Пратениците се на пауза до 15 часот. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски најави дека во 15 часот ќе продолжи новата 49-та седница, а по нејзиното завршување ќе продолжи 47-та седница, односно расправата за ребалансот на буџетот. Останати се уште десетина пратеници кои се пријавени за збор. До полноќ пратениците ќе мора да се изјаснат за ребалансот на буџетот.